Новости

КИНГ ИЦТ го реализираше проектот за електронска размена на податоци помеѓу државните институции во Република Македонија


Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија, како надлежна институција за развој и промоција на информатичкото општество, како и за креирање на национална ИКТ стратегија, го иницираше проектот за модернизација на постоечкиот пилот систем за интероперабилност.

Една од главните цели на проектот е овозможување на поефикасна електронска размена на податоци, а резултатот е платформа која претставува основа за брз развој на напредни услуги кон граѓаните и бизнис заедницата.

Модернизираната платформа за интероперабилност во моментот овозможува електронска размена на податоци помеѓу 19 институции, кои разменуваат податоци преку 27 веб сервиси. Високо софистицираната платформа на системот нуди можност за вклучување на неограничен број нови институции и нови веб сервиси во согласност со нивните потреби.

Проектот за модернизација, проширување и адаптирање на системот за интероперабилност го иницираше Владата на Република Македонија. Министерството за информатичко општество и администрација беше носител на проектот, а КИНГ ИЦТ Македонија го реализираше проектот, во периодот од 2015 – 2016 година. Проектот вклучува и превентивно и адаптивно одржување во траење од пет годни после имплементација на системот.

За системот за интероперабилност

Модернизацијата на системот за интероперабилност се базира на најдобрите европски практики и се темели на европските стандарди за интероперабилност. Меѓу останатите карактеристики на системот, особено се истакнуваат следните:

-  високи перформанси на системот – централниот сервер комплетно ги процесира пораките во просек за 3-5 секунди по порака
- безбедна и доверлива размена на податоците, во согласност со Македонската национална рамка за интероперабилност – корисничка најава во системот со персонални дигитални сертификати, енкрипција / декрипција на пораките со дигитални серверски сертификати, SSL и VPN комуникација, верификација со временски печат
- висока достапност на системот од 99,7%
- автоматски надзор и известување за состојбата на системот

Во рамките на проектот е реализирано следното:

-  дефинирање и испорака на протокол и стандарди за размена на податоци и документи во електронска форма, наречен МИМ протокол
-  проектирање и дизајн на соодветна архитектура за обезбедување на висока достапност на системот
-  развој и имплементација на модернизиран централен систем (централен сервер) и комуникациски клиенти за секоја институција
-  адаптација на постоечки 5 институции на модернизираното решение и проширување на системот со 14 нови институции
-  адаптација на постоечки 7 веб сервиси на модернизираното решение и развој и имплементација на 20 нови веб сервиси
-  испорака, инсталација и конфигурација на ИКТ опрема во новите институции и консолидација на постоечката опрема
-  инсталација и конфигурација на редундантни комуникациски линкови помеѓу секој комуникациски клиент и централната локација
-  имплементација на високо безбедносен механизам за безбедност и доверливост при размената на податоци помеѓу институциите


Хардверската платформа на системот се базира на редундантна серверска околина, уред за складирање на податоци и соодветни мрежни уреди, виртуелизирани и поставени во Hyper-V Failover Cluster. Платформата на централниот систем се темели на Microsoft BizTalk 2013 и Microsoft SQL 2014 технологии. Апликативниот развој е во .Net технологија. Од секој комуникациски клиент до централниот сервер обезбеден е редундантен комуникациски линк.