Новости

Одржана 8. конференција „Ден на отворени интеграции“ на КИНГ ИЦТ


Оригинални идеи што се пред конкуренцијата, мултидисциплинарност и долготрајна и фокусирана работа претставуваат предуслов за успех, истакна проф. Иван Ѓикиќ, најпознат хрватски научник во светот, во своето предавање за креативноста и образованието што го одржа на конференцијата „Ден на отворени интеграции“ на КИНГ ИЦТ.

Со повеќе од 300 учесници од информатичката и од другите индустрии, како и од државната и од јавната управа, конференцијата „Ден на отворени интеграции“ понуди перспектива, информации за инвестициите и за можностите за финансирање од фондовите на ЕУ, како и идеи и подобри приказни од оние што секојдневно ги слушаме.

Тоа и беше целта и главната порака на „Денот на отворени интеграции“, како што нагласи во своето воведно излагање Пламенко Баришиќ, претседател на Управата на КИНГ ИЦТ.

Учесниците на конференцијата „Ден на отворени интеграции“, која се одржува веќе по осми пат, воведно ги поздрави Бранко Грчиќ, потпретседател на Владата. Со забелешка дека во овој момент на пазарот само четири дејности - енергетиката, финансиите, фармацевтската и ИТ-индустријата - создаваат повеќе од 25.000 куни додадена вредност по вработен,,Грчиќ нагласи дека влезот на Хрватска во ЕУ претставува значаен настан што во практика ќе го менува начинот на размислување во хрватската економија. ЕУ- фондовите нудат големи можности, нагласија министерот Грчиќ и неговиот помошник во Министерството за регионален развој и фондови на Европската унија, Матија Дерк, кој детално зборуваше за предусловите за ЕУ-финансирање и за тоа како во моментов „во заднина“ се одвива голема и сложена работа на одредување приоритети, програми и на изработка на сите потребни документи, а тоа директно ќе влијае на нашата успешност во користењето на европските фондови во следните години.

Темата ја прошири Ален Паиќ од ОЕЦД, стручњак за конкурентност, кој го предводи одделот на ОЕЦД за инвестиции во Југоисточна Европа. Неговото излагање беше фокусирано на три клучни прашања – директните странски инвестиции, статусот на претприемаштвото и образованоста на работната сила. Паиќ нагласи дека постојат различни видови вложување - некаде инвеститорот бара голем и солвентен пазар, некаде конкурентност на производството, некаде висококвалификувани луѓе. Податоците зборуваат дека 70 отсто од вложувањата во Хрватска се во финансиите, трговијата и во услужните дејности, значи тоа се вложувања што прво ги интересирал пазарот. Најмал дел се однесува на вложувањата што поттикнуваат производство и трансфер на технологии и на тој начин отвораат нови работни места. Меѓу другото, господин Паиќ истакна дека за успешно привлекување инвестиции треба да се пронајде најдобар степен на додадена вредност што инвеститорот ја добива, како и цените на инвестицијата.

Токму истражувањата во ОЕЦД покажаа дека секое евро што е вложено во истражување и во развој по пет години ѝ се враќа на економијата со од 12 до 15 пати поголем износ. За креативноста и за интердисциплинарното образование во светот во кој општествата напредуваат пропорционално на нивното вложување во образованието, зборуваше најугледниот хрватски научник во светот, проф. Иван Ѓикиќ, кој беше специјален гостин на конференцијата.

Неговото предавање предизвика исклучително внимание кај учесниците на конференцијата, а проф. Ѓикиќ зборуваше за работата на својот интернационален и мултидисциплинарен тим и за функционирањето на двата научни института во кои е ангажиран. Во Германија, земја на која не може да ѝ се оспори успешноста, во период од 10 години, со редовно големи буџети за научни истражувања, вложени се уште 1,9 милијарди евра само во унапредувањето на науката. Компетитивноста и усовршеноста се патот што треба да се следи бидејќи тоа привлекува донации, стипендии и други форми на финансирање на истражувањата.

Проф. Ѓикиќ нагласи дека би требало на Хрватска да ѝ се даде доверба и да им се посвети многу поголемо внимание на нејзините успешни научници, кои би требало да имаат решавачки збор во создавањето нови закони со кои ќе се регулира тоа подрачје, без влијанието на политиката, различните интересни групации и изборните циклуси.

На конференцијата што обединува голем број стручњаци од информатичката индустрија стана збор за незапирливите трендови што го менуваат секојдневниот живот, побарувањата и навиките на потрошувачите, а со самото тоа и за начинот на кој компаниите работат, ги нудат и ги прошируваат своите производи и услуги, како што се социјалните мрежи, cloud и мобилната технологија. За тоа зборуваше Иван Маглиќ, регионален директор на компанијата „Гартнер Адријатик / Калисто“.

На „Денот на отворени интеграции“ беше претставен новиот и исклучително атрактивен проект на фирмата „Акис ЗЕЗ – Научен едукативно-забавен центар“, кој веќе доби поддршка од надлежните министерства, од Институтот „Руѓер Бошковиќ“, како и најава на можноста за финансирање од европските фондови. Во европските метрополи такви центри се оние што ги собираат младите научници и привлекуваат нови генерации идни стручњаци. Како и во други веќе потврдени проекти од таков вид во Европа, тоа е место на популаризација на науката што поттикнува доживотно учење и иновативна употреба на технологијата. Меѓу другите, ЗЕЗ-центарот со својот концепт го придвижува недоволно искористениот бизнис, научно-културниот туризам.

И самата презентација на ЗЕЗ буквално ги крена на нозе присутните во салата и запали оган бидејќи промоторите на науката на мошне забавен и атрактивен начин им објаснија на учесниците неколку физички појави, приближувајќи им го погледот како ќе изгледа науката во центарот ЗЕЗ.

ДЕМО-СОБА: ИНФОРМАТИЧКАТА ТЕХНОЛОГИЈА ГО МЕНУВА НАЧИНОТ НА КОЈ ЖИВЕЕМЕ, ЖИВЕЕМЕ ВО НАШИОТ ДОМ, РАБОТИМЕ...

Заштитен знак на „Денот на отворени интеграции“ на КИНГ ИЦТ, секако, е демо-собата во која на нов и привлечен начин беше претставена серија интересни информатички решенија на КИНГ ИЦТ и на нејзините партнери.

Учесниците на конференцијата можеа да видат, доживеат, допрат и да ги испробаат решенијата што носат многубројни заштеди во потрошувачката на енергенсите и во одржувањето на недвижностите, а продуктивноста во управувањето со недвижности ја зголемуваат дури за 40 отсто. Само еден клик е доволен за да се покажат ажурираните податоци за потрошувачката на струја, гас, вода, како и податоците за состојбата на опремата. Во еден момент може да се дознае како стојат работите со договорите за најмување, кои задачи останале незавршени, каде се појавила „вонредна состојба“. За сето тоа е доволен само веб-прелистувач на кој можете да пристапите преку компјутер или кој било паметен мобилен уред.

Правилно проектиран и реализиран концепт на паметен дом носи големи заштеди и комфор во живеењето што далеку отскокнува од сè она на што сме навикнати. Беше навистина интересно да се запознаат можностите и комфорот што ги дава системот на управување со паметен дом и можностите на неговата интеграција со другите системи во зградата.

Како да се решат предизвиците за сигурна наплата во интернет-продажбата? Одговорот е CorvusPay, систем за процесирање на картички трансакции. Системот ги поддржува сите картички познати и прифатени во светот – Visa, MasterCard, Maestro, American Express, Diners, JBC, Discover. Функционалноста на системот Corvus CPS е прикажана на примерот на интеграцијата со веб-шопот е-купи.

Секого би го заинтересирало како може ефикасно да се управува со документите во јавниот сектор бидејќи тоа се одразува на секојдневниот живот на сите нас. Во демо-собата можеше да се види како изгледа средено канцелариско работење на државните агенции, како се управува со земјоделско земјиште „на ниво на квадратен метар“ и колку време навистина е потребно за поднесување барање за пензија. „Откриено“ е како контролирано се спроведува јавна набавка и како полесно да се извади градежна дозвола. И сето тоа онлајн.

Планирање на работењето и сигурност на мрежата во компанијата се два различни, но „вечни“ предизвика за кои во демо-собата се понудени решенија. Прво е единствениот известувачки систем што овозможува прецизно следење на извршувањето на деловниот план, а на раководството му овозможува увид во моментната реализација. Системот го подобрува процесот на планирање, овозможува повеќедимензионални анализи и го скратува времето што е потребно за собирање информации и за изработка на извештаи.

Сигурносните закани за ИТ-системот може да се препознаат уште пред да се случи што било. Можен е директен увид во активноста внатре во ИТ-системот и можно е да се спроведе ефикасна истрага врз основа на снимениот мрежен промет и забележаните сигурносни записи.

Ако вработените сакаат да користат свои приватни паметни телефони, таблети или лаптоп-компјутери во деловното опкружување, тоа може лесно да се одобри бидејќи постојат решенија да се задржи нивото на сигурност и контрола над деловните апликации. Сите ќе се чувствуваат подобро.

Дали вашата мрежа знае да ја препознае разликата меѓу важен промет, како што се ИП-телефонија, веб- пристап, онлајн-состанок и оној „рекреативен“, како што се игри, видео...?

Учесниците на конференцијата го запознаа решението што овозможува анализа и идентификација на прометот што генерира стотина деловни и други апликации во реално време. Осигурено е она што е важно – загарантирана пропустливост за деловни апликации и потреби. Производите и услугите втемелени на сателитските технологии имаат широка и ефикасна примена и се во служба на луѓето и на нивната сигурност. Во демо-собата беа покажани решенијата на КИНГ што нашле своја примена во АРКОД, евиденција на користењето на земјоделското земјиште врз чија основа се исплатуваат стимулациите во земјоделството, како и во ХАК каде што се овозможува брза интервенција бидејќи лесно може да се лоцираат расположливите возила за помош и едноставно може да се избере оптималната рута на движење за време на интервенцијата.