Новости

Целта е достижна


Водечкиот регионален систем-интегратор, компанијата КИНГ ИЦТ веќе деветти пат ја одржа својата годишна конференција, „Ден на отворени интеграции“. И оваа година конференцијата обедини повеќе од 300 учесници од информатичката и од другите индустрии, како и од јавната управа, во размена на информации, спротивставување на мислења и во пораки чија цел е актуелниот момент во работењето.


По воведните зборови на претседателот на Управата на КИНГ ИЦТ Пламенко Баришиќ и шефот на Претставништвото на Европската комисија во Хрватска Бранко Баричевиќ, на серијата предавања и на тркалезната маса беше укажано на важноста и на амбициите на ИЦТ-индустријата во европски рамки.

Под мотото „ЦЕЛТА Е ДОСТИЖНА“ конференцијата му беше посветена на прашањето – каква е улогата и придонесот на ИЦТ-технологијата во одржливиот економски пораст?
Токму ИЦТ-индустријата е карактеризирана како еден од четирите потпирачи на Националната индустриска стратегија.


Економистот на годината Дамир Новотни направи анализа на она што се случувало во хрватската индустрија во изминатите години, осврнувајќи се на длабоките траги што ги оставила кризата. Означувајќи ја стапката на невработеност како речиси неподнослива и укажувајќи дека долгот веќе е на граница и станува опасен, Новотни нагласи дека стапката на пораст што ја предвидува Националната индустриска стратегија е недоволно амбициозна. За учесниците на конференцијата Новотни го анализираше начинот на кој Европа сега ѝ се враќа на индустријата, нагласувајќи дека тука не станува збор за класична индустрија, туку за низа нови дејности, вештини, производи, со сè понапредна роботика. Структурата на европската економија се менува во корист на паметниот, одржлив пораст, рече Новотни, насочувајќи го вниманието на хрватските шанси во европските кохезиски фондови.

Жерар де Граф од Европската комисија, директор на ДГ КОНЕКТ, зборуваше за Агендата 2020 што претставува темелен документ на дигитална Европа. Често во своето излагање и тој се навраќаше на одржливиот и паметен раст, но сосема е јасно по кој пат Европа има намера да чекори – во дигиталната ера, така што веќе во следните неколку години може да се очекува силен пораст на бројот на корисници на широкопојасен интернет, како и на луѓе со вештини потребни за развој на ИЦТ-индустријата. Дигиталната Агенда 2020 им дава силна поддршка на вложувањата во истражувања и во иновации, од лабораторија до пазар, а во центарот ги става помалите и средните претпријатија, вклучувајќи ја и поголемата достапност на капитал.

Борис Житник, директор на ОМНИА Консулта, направи анализа на најголемите предизвици што стојат пред ИЦТ-индустријата, а тоа беше одличен вовед во тркалезната маса. Гледано глобално, кризата заврши и прогнозите на раст на ИТ-потрошувачката се движат од 3,1 до 5,5 отсто. Во Хрватска, по повеќе години намалување, приходот во ИТ-секторот сега приближно е на нула. Но вреди да се напомене – бидејќи тоа, сепак, многу зборува за отпорноста на ИТ-индустријата, дека во 2012 година, која не беше ниту малку лесна, врвните нето-извозници забележале 15% пораст. Борис Житник зборуваше и за трендовите на пазарот, од војна со продажни цени, од една страна, до купувачи што бараат повеќе и до инвестирање „само кога се мора“, од друга страна, сè до приспособување и реструктурирање на ИТ-компаниите што нудат иновативни производи и нови експертизи доколку сакаат да о(п)станат во сменетите услови.

ЦЕЛТА Е ДОСТИЖНА, НО КАКО?
На тркалезната маса учествуваа Томислав Радош, советник на министерот за економија задолжен за изработка на Националната стратегија на индустрискиот развој на РХ до 2020 година, Ведран Морнар, професор на Факултетот за електротехника и компјутерско инженерство, претседател на Националниот совет за високо образование, Саша Цветоевиќ, претприемач во здравствениот сектор, мобилните телекомуникации и во дистрибуцијата на стоки за широка потрошувачка, „деловен ангел“ и основач на првиот старт-ап инкубатор и коработен простор во Загреб.
На тркалезната маса значаен придонес со своето искуство дадоа и Иван Видаковиќ, директор на Мајкрософт Хрватска и Даниеп Шимиќ од ИБМ, директор за услуги на деловно советување, како и Пламенко Баришиќ, претседател на Управата на КИНГ ИЦТ, најголем регионален систем-интегратор.
Во интересниот разговор на тркалезната маса, чиј модератор беше главниот уредник на „Лидер“ Миодраг Шајатовиќ, сите соговорници се навраќаа на прашањето на образовната политика што на пазарот не носи инженери, туку, главно, економисти и правници, додека пазарот, особено во ИЦТ-индустријата, „плаче“’ за луѓе со поинакви знаења и вештини.
Без оглед на забелешките на име на Националната индустриска стратегија што, секако, секогаш ќе ги има, сите учесници се согласија дека е значајно тоа што еден таков документ воопшто е составен по дваесет години, а нејзиниот автор Томислав Радош нагласи колку е важно таа да почне да се применува во реалниот живот.

Што се однесува до самата ИЦТ-индустрија, беше интересно да се слушне како таа се менува со фасцинантна брзина, следејќи ги потребите на корисниците што, пак, мора да имаат сè поголеми знаења за ефикасно да ги претворат своите ИТ-системи во алат за иновативно работење на своите компании. Така, и оваа тема се наврати на прашањето што во различни форми често се појавуваше на конференцијата – има ли некој заинтересиран за работа на пазар на кој има 900.000 слободни работни места?